Останати спортови

Зошто на Зимската олимпијада има помалку допинг отколку на Летната?

19. февруари 2018 - 20:43 | К.З.

На руската олимписка федерација ѝ беше одземено учеството на ЗОИ 2018 поради допинг-скандалот кој беше откриен за време на ЛОИ 2016. Сепак, бројот на случаи на допинг е многу помал за Зимските олимпијади отколку на Летните, а некои експерти велат дека постои логично објаснување за тоа.

За разлика од Летната олимпијада, на Зимската ретко се среќаваат случаи во кои поединци или тимови се допингуваат, а разликата во бројките е прилично голема, со што се поставува прашањето: Зошто е тоа така?

Ако се земат во предвид бројките евидентирани од сите Олимпијади од 1964 до 2014 година, може да се забележи дека бројот на случаи на допинг е скоро двојно поголем за време на ЛОИ отколку за време на ЗОИ. Дури 0,44% од допинг-тестовите на ЛОИ биле позитивни, додека 0,28% од тестовите на ЗОИ биле со позитивен наод.

Овие бројки не се изненадувачки за допинг-експертите. Иако досега немало формално истражување на темата, лесно е да се забележат причините зошто е тоа така, вели Томас Хант, автор на „Drug Games:The International Olympics Committee and the Politics of Doping“.

„Првото нешто што паѓа на ум се паричните награди и придобивки. Спортистите кои се натпреваруваат на ЛОИ заработуваат многу повеќе, а имаат и поголема шанса да се рекламираат себеси со своите успеси, бидејќи ЛОИ се далеку погледани“, вели Хант.

Иако спонзорите полесно „се лепат“ на спортистите на ЛОИ, тие мораат да постигнат некаков успех за да бидат забележани. Поради тоа, за нив е лесна одлуката дали да земат допинг за да постигнат подобар резултат или не. Повеќето од спортистите се спремни да ризикуваат, бидејќи потенцијалниот ризик е голем, но потенцијалната награда е уште поголема.

„На ЗОИ се натпреваруваат далеку помал број на спортисти, што значи дека шансите за тие да бидат тестирани се многу, многу поголеми. Па затоа, тие имаат поголема причина за страв“, вели Јерг Кригер, кој ја проучува историјата на допингот на германскиот Универзитет за спорт.

Двајцата, и Кригер и Хант, се сложуваат дека ЛОИ содржи повеќе спортови во кои спортистите можат да профитираат од допинг. Најпопуларните решенија се стероидите, кои неретко се користени од страна на атлетичари, фудбалери и спортови како дигање тегови.

Бројот на случаи, според овие експерти, не е ограничен само на оние кои ќе бидат фатени како користат допинг, туку тие сметаат дека постојат многу спортисти кои успеваат да се извлечат без да бидат тестирани. Иако тестирањата на Олимпијадата се многу чести, сепак постојат спортисти кои имаат доволно среќа да се извлечат.

Коментирај