Фудбал

Судијата Евребе конечно „призна“ дека ги оштетил Челзи

18. февруари 2018 - 14:48 | А.С.

Поранешниот норвешки судија Том Хенинг Евребе призна по девет години дека погрешил во судењето на славното полуфинале во Лигата на шампиони 2009 година меѓу Челзи и Барселона.

Барселона на „Стемфорд Бриџ“ се провлече во финале со погодокот на Андрес Иниеста во 93. минута (по 0:0 на „Камп Ноу), но претходно Норвежанецот ги оштети „сините“ во неколку ситуации.

Челзи тогаш заслужи неколку пенали, а Каталонците потоа во финалето го победија Манчестер Јунајтед и ја освоија европската титула.

„Воопшто не се гордеам со тој натпревар. Не ми беше најдобриот ден, ама такви грешки може да му се случат на еден судија. Грешки им се случуваат и на играчите и на тренерите, но јас не се гордеам со тој ден“, изјави Евребе за шпанскиот весник „Марка“.

На прашањето дали Челзи требало да добие пенал тој ден, поранешниот судија се обиде да го заобиколи одговорот.

„Имаше неколку грешки и секој може да го каже своето мислење. Пак ќе кажам, и играчите и тренерите грешат, но ништо не се случува.“

Тој рече дека по натпреварот денот му продолжил најрутински.

„Не разговарав со никој од фудбалерите по натпреварот. Достоинствено го напуштив теренот, отидов во соблекувалната и тоа беше тоа.“

Меѓутоа, навивачите на лондонскиот клуб не го прифатија тоа така лесно.

„Се сеќавам дека имаше многу непријателски настроени луѓе пред хотелот кои беа против нас. Моравме да бидеме внимателни тој ден и наредниот ден. Тогаш добивав закании по живот од нвивачи на Челзи, но сето тоа помина. До 2012 година темата беше актуелна, а потоа замре. По ова интервју некои навивачи ќе се сетат на мене, но немам проблем со тоа, луѓето може да прават што сакаат. Живеам среќно во Осло и ги прифатив моите грешки.“

За крај, Норвежанецот рече дека е горд на своите успеси.

„Горд сум на долгата кариера што ја имав во европската елита и бев меѓу најдобрите во мојата земја. Затоа не може да ја памтите мојата кариера само по тој натпревар, иако некои луѓе, како вас, го прават токму тоа... за жал“, заврши Евребе.

Коментирај