Музика

Стотици луѓе на погребот на пејачката на групата „Кренберис“

23. јануари 2018 - 16:40 | М.Д.

Стотици луѓе се собраа денеска во југозападна Ирска, на погребот на пејачката на ирската група „Кренберис, Долорес О’Риордан, која минатата недела почина во Лондон на 46 години.

После службата во локалната црква, пејачката ќе биде погребана, а на тој чин ќе присуствуваат само членови на семејството.

На службата во локалната црква меѓу другите присуствувале и членовите на бендот „Кренберис“, поранешниот сопруг на Долорес, Дон Бартон и нивните три деца, како и нејзините мајка, браќа, сестри и други.

„BBC“ пренесува дека повеќе ирски радио станици после попладневните вести истовремено го пуштиле хитот на оваа група од 1996 година под назив „When You’re Gone“.

О’ Риордан минатата недела беше пронајдена мртва во хотелска соба во Лондон. Публицистот Линдзи Холмс вели дека O’Риордан изненадувачки умрела во Лондон, каде била на снимање.

Причините за смртта се уште не се познати, а резултати од аутопсија се уште се чекаат.

Групата „Кренберис“ доживеа меѓународна слава во деведесеттите години од минатиот век со хитовите како „Zombie“, „Linger“, „Dream“. Оваа група продаде повеќе од 40 милиони плочи ширум светот.

Групата била формирана во Лимерик во Ирска, кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Членовите на бендот се растуриле во 2003 година, но после неколку години повторно се собраа.

„Кренберис“ минатата година го издаде албумот „Something Else“ и требаше да оди на турнеја по Европа и Северна Америка. Турнејата, меѓутоа, била прекината бидејќи пејачката имала проблеми со грбот.

Коментирај