Регион

Објавени детали за убиството на Закинтос: Го клоцале по глава 19 пати

17. јули 2017 - 14:27 | А.С.

Грчкиот дневен весник „Elefteros Tipos“ објави морничави детали од истрагата за убиството на Американецот Бакари Хендерсон на Закинтос. Група насилници го нападнале момчето и го удриле по глава 19 пати. Починал по третиот удар со нога.

Врз основа на доказите, снимките и изјави на очевидците и осомничените во истрагата, објавено е какви сѐ повреди му биле нанесени на 23-годишниот Американец.

„Примил 19 удари по глава. Главата му изгледала како фудбалска топка, а поголемиот дел од ударите најверојатно му биле нанесени како да изведувале пенал: со жестоки удари со нога. Сигурно починал по вториот или третиот удар“, стои во документите од истрагата.

„Elefteros tipos“ ја објави и изјавата на 21-годишната девојка која била во друштво на Американците и која наводно била причината за расправијата.

Таа вели дека на 7 јули во 2 часот и 30 минути излегла со останатите колеги од барот во кој ги запознала тројцата Американци и со нив пиела пијачки. Со нив бил и Хендерсон, но таа тогаш не знаела како се вика младичот.

„Околу 3 часот ми падна чашата и се наведнав да ја земам. Кога се исправив видов едно лице од српска националност како турка еден од црномурните момци од моето друштво и му удри тупаница. Потоа црномурниот дечко зеде шише и му го удри од глава. Потоа излезе од барот со Американците и по нив тргнаа околу 30-тина Срби кои почнаа да ги тепаат Американците“, стои во нејзината изјава.

„Американците трчаа, а Србите по нив. Јас не тргнав по нив бидејќи добив удар во обид да ги раздвојам. По пет минути дојдов на местото од каде почнаа да трчаат и го видов црномурниот дечко како лежи на улица, во неизвесна состојба, а од очите му излегуваше крв“, рекла 21-годишната девојка од Србија и додала дека „еден од Американците стоеше до него и се обидуваше да му помогне“.

По убиството на Хендерсон беа уапсени девет лица, од кои седум српски државјани. Петмина се задржани во притвор, а двајца се пуштени на слобода со кауција до судењето.

Се товарат за крвично дело Соучество во убиство. Истрагата треба да ги утврди деталите околу степенот на вина и вмешаност во делото и тоа значи дека за секого од нив би можело да биде поднесено различно обвинение за степенот на учество во инцидентот.

Коментирај