Живот

Нивната љубов била посилна и од Берлинскиот ѕид

9. ноември 2017 - 11:03 | А.С.

На денешен ден се одбележува годишнината од падот на Берлинскиот ѕид што сурово ги раздвојуваше градот и државата речиси 30 години, од 1961 до 1989 година. Денеска се одбележуваат 28 години од падот на Берлинскиот ѕид, а во текот на 28-те години од неговото постоење многу луѓе си го ризикувале животот во обид да преминат на другата страна.

Меѓу нив биле и тинејџерите Регина и Екхарт Албрехт чија врска се обидела да ја сруши тогашната идеологија и Студената војна. Екхарт бил студент по право во Западен Берлин, а Регина живеела во Источен Берлин. Сепак, нивната љубов била поголема од ѕидот и стравот од последиците ако се обидат да го преминат.

Двајцата се запознале во 1967 година на школски настан за татковците во Источен Берлин, што бил одобрен од властите. Откако Екхарт се вратил во Западен Берлин почнале да се допишуваат, сѐ додека не сфатиле дека шпиунската служба Штази од Источен Берлин им ги пресретнува и им ги чита писмата.

„Едно утро ме уапсија и ме одведоа во затвор на распит. Сакаа да знаат дали планирам да побегнам. Знаев дека ако кажам ‘да’ веднаш ќе ме фрлеа во затвор бидејќи тогаш и желбата да се оди во Западен Берлин беше злочин. Потоа ме прашаа дали го сакам тој човек, а јас им одговорив: ‘Имам само 18 години, не знам ни што е тоа љубов’. Тој одговор сосема ги збуни.“

Ја натерале да ја раскине врската и ја следеле во наредните шест месеци. За да ги залаже, Регина дури почнала да излегува со друг маж, додека тајно разменувала писма со Екхарт, со помош на баба ѝ.

За среќа, двајцата успеале да се сретнат во Унгарија, каде Германците од источниот блок имале дозвола да патуваат.

„Бев пред хотелот. Тој стоеше пред мене и јас останав без зборови. Отидовме во хотелот и... дојде, виде, победи!“, низ смеа раскажува Регина.

Се договориле прво да завршат со студирање пред да бараат начин како да бидат заедно. Во почетокот на 1971 година Екхарт му платил на некој човек кој му ветил дека ќе ја прошверцува Регина низ тунел. Меѓутоа, овој план пропаднал бидејќи за кратко време властите го откриле. Наскоро нашле нов начин: преку Романија, тогашна Југославија и преку границата со Австрија преминала стисната во багажник.

„Се сеќавам дека многу мирисаше на бензин. Слушнав кога ја преминавме границата. Го претресоа комбето, но не ме најдоа. Сум заспала и во еден момент шоферот ме разбуди и ми рече: ‘Слободна си’“.

По три дека веста стигнала до Екхарт.

„Конечно додбив повик од Салцбург. Таа беше таму, а јас бев пресреќен. Среќен сум до ден-денес.“

На чекор до слободата, Регина морала да лета до Западен Берлин, а за тоа требало да ја прелета Источна Германија. Стоела на аеродромот Тепелхоф, на само неколку метри од ѕидот поради кој поминала скоро 2.000 километри.

„Ме дочекаа со чаша шампањ: ‘Добредојде во Западен Берлин и Република Германија’. Тоа беше прекрасен момент за мене.“

Дали вредело сето тоа за Екхарт?

„Секако дека да. Немав друг избор. Го сакав и тоа ме одржуваше на тоа тешко патување.’

Двајцата се во брак 45 години.

„Мора да се борите за своите права и никогаш да не ги земате здраво за готово“, ги советува Екхарт младите.

Коментирај