Кошарка

НБА: Леброн Џејмс по третпат стана МВП на Ол-Стар натпреварот

19. февруари 2018 - 13:52 | К.З.

Екипите на Леброн Џејмс и Стеф Кари во меѓусебен натпревар го крунисаа и го затворија Ол-Стар викендот. Иако пред самиот натпревар Леброн Џејмс остана без четворица играчи од оригинално избраната екипа, сепак неговиот тим дојде до победа со резултат 148:145.

НБА лигата оваа година го смени форматот во кој се бираат тимовите за Ол-Стар натпреварот, така што Џејмс и Кари можеа да одберат со кои играчи сакаат да играат, бирајќи ги по процес сличен на НБА драфтот.

Леброн Џејмс постави нов рекорд во НБА Ол-Стар натпреварите, со тоа што стана првиот играч кој е стартер на овој натпревар 14 години по ред. Тој го круниса овој успех и со освојување на МВП трофејот, кој максимално го заслужи со забележување на 29 поени, 10 скока и 8 асистенции, а притоа и погоди 4 тројки. Одличен во тимот на Џејмс беше и Кевин Дурент, кој забележа 19 поени, 6 скока и 5 асистенции.

Кај тимот на Стеф Кари, пак, најефикасни беа Демар Дероузен и Демијан Лилард со по 21 поен, додека Џоел Ембиид уфрли 19 поени, а Карл-Ентони Таунс забележа 17 поени и 10 скока.

Крајниот резултат беше одлучен по една одлична дефанзивна реакција на тимот на Леброн Џејмс, нешто на кое не сме навикнати кога е во прашање Ол-Стар натпреварот.

Коментирај