Фудбал

Мурињо: ВАР ја дотолчи фантастичната Хрватска

16. јули 2018 - 11:29 | М.Д.

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, не е задоволен поради начинот на кој Франција во 38 минута од финалето на Светското првенство дојде во предност против Хрватска, откако судијата после консултација со ВАР системот покажа на белата точка. Според него ова е клучниот момент, кој го сврте натпреварот на страна на Французите, кои на крај победија со резултат од 4:2.

Судијата Питана, во наведената ситуација побара да се прегледа видео снимка, откако француските фудбалери бунтуваа, тврдејќи дека Перишиќ пред голот на Хртватска, после корнер и ударот на Матуиди со глава, ја удрил топката со рака.

Забавената снимка покажа дека навистина имало контакт со рака, па судијата покажа пенал, после кој Гризман погоди и ја доведе Хрватска во водство.

„Четири милиони Хрвати и 23 нивни репрезентативци ќе бидат многу, многу разочарани. Бидејќи на полувреме подобрата екипа губеше со 1:2 и тоа поради грешка во примената на ВАР системот, односно погрешно толкување на неговиот концепт“, тврди Жозе Мурињо.

„Не велам дека имаше или немаше пенал. За тоа секој може да има свое мислење. Работата е во тоа што концептот на ВАР служи за да исправа судиски грешки, но во оваа ситуација тоа не беше случај и тоа е многу, многу разочарувачки“, објаснува Португалецот.

Мурињо вели дека најмногу жали, поради тоа што на полувреме резултатот не беше нерешен, бидејќи така натпреварот ќе влезеше во многу понеизвесна завршница.

„Жал ми е што на полувреме резултатот не беше 1:1, туку предноста отиде на страната на тимот кој не дојде до неа, па така овој натпревар во историјата ќе остане запаметен како „финале на ВАР-гол“.

Еден од најтрофејните тренери во историјата, имаше само пофални зборови за поразената екипа.

„Хрватска до крај играше со голема гордост. Фантастична е и ги заслужува сите пофалби за она што го оствари. Но, во фудбалот се брои победата и Франција е светски првак“, заклучи Мурињо.

Коментирај