Бизнис

Елон Маск уште 10 години нема да зема плата од „Tesla“

23. јануари 2018 - 18:48 | А.С.

Милијардерот од Силициумската долина Елон Маск во наредните 10 години ќе остане на чело на компанијата „Tesla“, но нема да зема плата и бонуси.

Ако на крајот на тој период производителот на електрични возила оствари голем напредок, ќе добие огромен финансиски пакет.

Ако „Tesla“ ги оствари повеќето од зацртаните цели, за кои многумина сметаат дека се нереални, Маск би можел да има дури 55 милијарди долари во акции, објави „Њујорк тајмс“.

Пазарната вредност на „Tesla“ сега е под 60 милијарди долари, а целта е за 10 години да вреди 650 милијарди долари со приход од 175 милијарди долари гоишно, што за многумина е нереално со оглед на тоа дека толку сега вредат најголемите американски компании.

Новиот договор е сличен со претходниот петгодишен план од 2012 година кога „Tesla“ од компанија вредна 3 милијарди долари и со испорака од околу 1.000 возила годишно стана највредниот американски автопроизводител.

Клучни цели во претходниот план беа производните цели и чекорите за развој, а во новите се опфатени низа цели поврзани со приходите и заработката.

Покрај импресивниот раст на вредноста на акциите, „Tesla“ уште нема остварено профит и има проблеми со испораката на предвидената количина автомобили.

Маск, ако бидат исполнети целите, ќе добие 1,68 милиони акции или 1% од компанијата. Тој сега поседува околу 13 милијарди долари во акции во „Tesla“, а на крај би можел да има акции вредни 55 милијарди долари.

До тогаш, Маск нема да зема плата, ни годишни бонуси.

Коментирај