Фудбал

Дали избрканиот Калиниќ ќе добие медал од Светското првенство?

16. јули 2018 - 9:10 | А.С.

Никола Калиниќ одби да влезе во игра на првиот натпревар на Хрватска на Светското првенство во Русија против Нигерија на 16 јуни и селекторот Златко Далиќ го испрати дома.

Неговата непослушност го чинеше скапо – беше избркан од репрезентацијата што постигна историски успех за својата земја: второ место на фудбалскиот Мундијал.

Синоќа Хрватска храбро одигра против Франција и нејзините играчи беа закитени со сребрени медали, додека напаѓачот на Милан најверојатно го следеше историскиот меч од дома.

Неизбежно, се постави прашањето дали посрамениот Калиниќ ќе добие медал од Светско?

Правилата на ФИФА не нагласуваат што да се прави во ваква ситуација.

Член 52.8 наведува: „Ќе бидат доделени 50 медали на трите најдобри тимови – златни на победниците, сребрени на второпласираните и бронзени на тимот што ќе освои трето место.“

Тоа значи дека екипата на селекторот Далиќ и капитенот Лука Модриќ, кој беше прогласен за најдобар играч на првенството и доби Златна топка, ќе одлучат дали ќе му дадат медал на Калиниќ.

Коментирај